Проектот „Штип без кал“ продолжува во приградската населба Чардаклија

По Балканска, и Чардаклија ќе добие нови асфалтирани улици. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, денеска беше на увид во градежните работи каде почна подготовката за поставување асфалт. Ќе се асфалтираат и реконструираат улици и краци кои досега биле во кал и прашина, инвестиција вредна нешто над еден милион денари, во рамки на проектот „Штип без кал“.

„Станува збор за површина од 1.000м/2, кои што за првпат ќе добијат асфалтна маса и досега биле во кал и прашина. Во рамките на проектот „Штип без кал“ којшто е финансиран од страна на Општина Штип, од парите на граѓаните се трудиме насекаде во сите населени места, вклучувајќи и го населеното место Чардаклија да изградиме улици“, вели Јорданов.

За жителите на населбата ова е од огромно значење, бидејќи велат дека овде асфалт немало со години.

По инфраструктурните зафати во Чардаклија, проектот „Штип без кал“ ќе продолжи во приградската населба Стар Караорман, а во населбата Железничка ќе се реши проблемот со канализацијата, по што и таму ќе се асфалтираат улици.

Ребека Спасова М-Нет