
Изграден објект во село Долни Балван – проблем за тамошните жители. Реакција пристигна до нашата редакција дека се изградил објект кој бил дивоградба и дека истиот го попречува минувањето на камиони и поголеми возила во селото. Од овде се поставува прашањето: колку дивоградби има во село Долни Балван и како се решава ваквиот проблем? Првиот човек на Општина Карбинци, Виктор Паунов, во телефонски разговор за М-Нет телевизија истакна дека во ова село нема урбанистички план. Тоа значи дека само објектите кои се легализирани не се дивоградби. Досега во Општината не пристигнала ниту една пријава, а тие немаат ниту инспектор за терен, па преку меѓуопштинска соработка со Штип ако има потреба ќе се излезе на терен и ќе се реагира.
„Во село Долни Балван нема детален урбанистички план, со кој може да утврдиме за што се работи. Досега во Општина Карбинци нема пристигнато ниту една официјална пријава за нешто такво. Имено, да напоменам дека со Законот за легализација се легализирани поголем број на објекти. Она што е надвор од тоа и за некој што градел тековно досега официјално немаме пријава. Доколку имаме пријава, ние ќе постапиме по неа согласно со меѓуопштинската соработка со Општина Штип, каде имаме можност за користење инспекција.“ – кажа Паунов.
Во Општина Карбинци има само во две села со урбанистички план. Паунов истакна дека се работи на проширување на постоечки и правење на нови.
„Недоразбирања ќе има секогаш, но ние работиме на тоа да правиме нови урбанистички планови сѐ со цел да понудиме од една рурална средина една подобра урбана можност за секое населено место. Во Карбинци има два постоечки урбанистички планови, тоа се на селото Таринци и Карбинци. Ние работиме на нови планови, како и на индустриската зона“, додаде Паунов.
Дивоградбите се проблем кој се појавува во речиси сите општини во Истокот од државата, и за кој се бара соодветно решение.
Лаура Стојанова М-Нет