Вечерва во Домот на млади во Штип ќе започне турнејата на бендот од „5+ Фамилија“

Пет плус бендот вечерва ќе ја започне својата мини – турнеја во Штип. Настанот предвидува многу музика, игра и дружење за најмладите, а во рамки на забавната платформа претставува ново музичко – сценско доживување за децата. Ваков проект се спроведува по двегодишната пандемиска пауза и вечерва започнува од 19:30 часот, а влезот е бесплатен.

„Станува збор за концерти со екипата од ТВ – серијата „5+ Фамилија“. Започнуваме една музичка турнеја. За почеток имаме три града: Штип, Битола и Скопје. Нѐ очекува многу музика, забава за деца, за млада музика, секако, и родителите се добредојдени. Ова е иницијатива која ја работиме повеќе од 15 години и таа е намената, да едуцира и да забавува млада публика. Денес слушаме музика, која претежно се слуша во епизодите на серијата 5+. Меѓутоа, имаме некои нови работи“, истакна Илија Тирицовски од ОХО Продукцијата.

Настанот е и почеток на летната програма на Домот на млади – Штип, а според директорот Кире Денов во претстојните месеци следи богата музичко – сценска програма за штипската публика.

„Дом на млади летната сезона ја започнува со денешниот концерт на 5+ Фамилија во соработка со ОХО Продукција. Понатаму во летната сезона ќе имаме уште соработки. Следниот викенд ќе се одржува фестивалот „Синедејс“ на отворената летна сцена. Понатаму, во склоп на летната сцена имаме исполнета агенда во Дом на млади – Штип“, истакна Денов.

Претходно бендот на 5+ Фамилија одржуваше повеќе концерти низ државата, по што следеше неколкугодишна пандемиска пауза. Според ОХО Продукција, интерес за истите има. Целта е да се промовираат еколошките вредности и да се пренесат пораки за здрава и чиста животна средина и заштита на планетата. Концертот се одржува во соработка со Општина Штип и Домот на млади.

Ребека Спасова М-Нет