Денес е Задушница, утре се празнува Педесетница (Духовден)

За православните христијани денес е Задушница, ден во знак на сеќавање на починатите. На овој ден се посетуваат гробиштата, а гужва уште рано изутрина имаше градските гробишта во Штип. Со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за упокоените. На Задушница верните даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.

„Пред секој Христов празник светата црква определила и Задушница, односно ден кога ги посетуваме и се споменуваме за покојните. Бидејќи според Христовите зборови нема човек мртов, но сите се живи на овој, а кога ќе им дојде крајот живеат и на оној свет. Така и ние верувајќи во тоа ги посетуваме гробовите на нашите блиски и покојни, се молиме за нив и покој на нивната душа, Господ Бог да ги всели во населбите на праведниците. Со тоа се сеќаваме дека и на нас кога ќе ни дојде редот кога Бог ќе не повика да се мочиме да ни се простат и на нас гревовите за да бидеме достоини за царсвото небесно.

Утре се слави празникот Духовден, или познат како роденден на црквата, празник кој секогаш се празнува 50 дена по големиот христијански празник Велигден. Утре не се посетуваат гробиштата, а граѓаните треба да слушат богослужба.

„Утре е слегувањето на Светиот Дух врз апостолите или празникот Педесетница, кој е рамен на Велигден и уште се нарекува роденден на црквата“

За црквата овој настан има посебно значење затоа што Светиот Дух од тоа време, па се до денес не ја напушта и непрестано слегува врз црквата на литургијата, во молитвите, во сите дела. Тој е оној Дух по кој христијанскиот живот се нарекува духовен.

Педесетница е еден од најсветлитe празници во христијанството и претставува исполнување на старозаветните пророштва. Во Стариот завет луѓето знаеа само за Бог, со раѓањето на Христос го видоа Единородниот Син, а на Педесетницата го запознаа третото лице на Света Троица – Светиот Дух.

Лаура Стојанова М-Нет