
Продавачите по тротоарите кај пазарот во Штип денеска речиси ги немаше. Тротоарите на кои во деновите наназад продаваа струмичките произведувачи на земјоделски производи денеска беа празни. Ова се должи на зголемената акција на инспекторите кои во изминатите два дена се на терен. Комналниот инспектор при Општина Штип, Борче Везенков истакна дека се работи на овој проблем со цел да се намали нелојалната конкуренција и да се ослободат узурпираните јавни површини.
„Денес и вчера имавме акција, комуналната инспекција во соработка со пазарна инспекција и комуналните редари ги отстрануваме сите нелегални продавачи на земјоделски и индустриски производи кои продаваат на јавни површини. Значи, тие ја узурпираат јавната површина, тротоарот и улицата, исто така продаваат и пред другите продавници кои што се нелојална конкуренција, кои плаќаат и данок и вработени. Наша цел е да ги отстраниме да продаваат на градскиот пазар.“ – кажа Везенков.
Везенков истакна дека се соочиле и со притисоци, но поголем дел од продавачите ги отстраниле своите тезги за кои не плаќаат од јавните површини во близина на пазарот.
„Тие секој пат даваат некој притисок, но со помош на пазарната инспекција беа опоменати дека доколку не ја отстранат робата истата ќе биде запленета од пазарна инспекција, одземена и од страна на Општина Штип ќе биде однесена на претходно утврдена локација“ – додаде Везенков.
Проблемот со така наречените диви продавачи на јавна површина во Штип беше застапен подогл временски период. Продавачите од струмичко се жалеа дека немаат простор каде да ги пласираат своите производи, додека одговорните на пазарот беа со став дека исполнетоста на истиот е 50%. Заради тоа се спроведе ваква акција во кој комуналната инспекција излезе на терен и започна со решавање на проблемот.
Лаура Стојанова М-Нет