Синдикалната минимална кошничка за четири месеца пораснала за 2.980 денари

Инфлација од 12%, синдикалната кошничка за четири месеца потешка за речиси 3.000 денари.
Вакви бројки покажува статистиката која е резултат на драстичното зголемување на цените, кои и понатаму секојдневно бележат раст. Според ДЗС, индексот за трошоците на животот во мај 2022 година, во однос на мај 2021 година, бележи зголемување од 11.9%, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 12.1%.

„Пораст на индексите на трошоците на животот во мај 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај маслото и маснотиите за 6.7 %, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 6.2 %, млекото за 5.4 %, лебот и житата за 3.7 %, кафето, чајот, какаото за 3.1 %, сирењето и урдата за 2.9 %, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 2.7 %, свежото и разладеното овошје за 2.6 %, месото за 2.5 %, рибата и морските плодови за 2.3 %, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 1.6 %, прехранбените производи неспоменати на друго место за 1.1 %, пивото за 1.0 %, жестоките пијалаци за 0.5 % и виното за 0.3 %.“ – се вели во статистиката на ДЗС.

Синдикалната минимална кошничка, пак, за мај изнесува 8,32% повеќе од јануари годинава. Во споредба со мај минатата година е 12,78% повеќе.

„Минималната кошничка според ССМ, за мај годинава изнесува 38.791,00 денари. Таа во јануари беше 35. 811.00 денари, што значи дека сега е „потешка“ за 2.980.00 денари, односно за 8,32 %. Само за една година, или во споредба со мај 2021 година, кога кошничката беше 34.156,00 денари, сега е зголемена за 4.635,00 денари односно за 12,78%.“ – велат од ССМ.

Синдикалната кошничка ССМ ја пресметува секој месец, а ги содржи минималните месечни трошоци за едно четиричлено семејство. ССМ поради растот на цените и инфлацијата бара од Владата зголемување на платите на сите вработени, како во јавниот, така и во приватниот сектор за најмалку 2.806 денари.

Ребека Спасова М-Нет