Лижавчиња, сусамки, стар занает на чичко Диме од Штип чии производи се достапни за празниците

Лижавчиња во разни форми и бои, сусамки изработени од вредните раце на чичко Диме денеска беа изложени на тезга пред црквичката Свети Ѓорги во Штип. Пред камерите на М-Нет телевизија Диме раскажува за неговите почетоци, начинот и потребното време за изработка на едно лижавче од шеќер. Вели за занаетот треба љубов и посветност. Тој од неговата 12 година помаѓајќи му на неговиот татко почнува да се занимава со ова, за денеска на 80 годишна возраст сѐ уште гордо да зборува за она што го работи.

„Продаваме и задоволни сме од движењето на народот. Производите се мои лични, сам ги изработувам и тоа ми е стар занает кој го наследив од татко ми, а тој од татко му. За да се направи едно лижавче потребно е само шеќер. Тешко е, но за тој што го знае занаетот не е тешко. Правиме и бонбони, сусамки и слично“ – вели Диме.

На прашањето дали е исплатливо да се продаваат вакви производи, Диме вели доволно за еден живот. Цената на шеќерот е покачена, но кај него на тезгата лижавчињата се продаваат по стара цена достапна за секого.

„Иако шеќерот е покачен има за еден живот. Имам двајца синови, едниот ми помага работи, другиот е по српотот. Кога има свечен ден за три дена претходно изработуваме сѐ.“ – додава Диме.

Формата на лижавчињата се изработува со посебни калапи кои им се достапни на чичко Диме и неговото семејство. За вкус се додава арома, додава тој, се со цел и граѓаните да бидат задоволни и неговите производи да може да се продадат.

Лаура Стојанова М-Нет