
Истокот и државата имаат сериозен проблем со аерозагадувањето, но истражувања малку. Само две мерни станици има во Кочани и Берово, кои покажуваат значително зголемување на загадувањето во зимските станици, но мерења нема. Според универзитетскиот професор Дејан Мираковски, за да се реши проблем, треба истиот да се познава, но за истражувања требаат и дополнителни финансиски средства.
„Регионот има само две станици во Кочани и од скоро во Берово, мислам. За жал и двете покажуваат карактеристично загадување во текот на зимските месеци. Колку што знам, ниту една нема извори, нема направено пропорционирање и, за жал, за да кажете нешто, треба да имате основа, мерење коешто го немаме. За жал, проблемот со аерозагадувањето не е ексклузивен за Скопје, речиси сите урбани средини во државата имаат сериозни проблеми со аерозагадувањето. Такви разговори веќе се отпочнати, во рамки на овој, а верувам и други проекти, ќе успееме да обезбедиме средства за истражување и на проблемите со коишто се соочуваат останатите урбани средини во Македонија. Сите урбани средини имаат некој специфичен проблем, а не може да го решите ако не го познавате проблемот“, вели Мираковски.
На територија на град Скопје во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кој вклучува низа активности, намалување на загадувањето веќе се забележува. Меѓутоа, во земјава имаме ограничени ресурси кои би придонеле за намалување на загадувањето, за што значајно е да се откријат точните причинители, вели Александра Димова Манчевска, проектна раководителка.
„Многу ни е важно да се откријат точните причинители, да се открие кој се’ загадува во државата и со тие ресурси коишто ги имаме да се интервенира на вистинското место за да се постигнат максималните резултати. Да, животната средина и загадувањето во принцип е една многу комплексна тема којашто подразбира дека треба не само финансии, туку и технички ресурски, знаење и се’ останато. Претпоставувам дека овие суми се и многу поголеми од тоа што вие сметате дека се ако, навистина, треба да се реши загадувањето, не само на воздухот, туку и на сите медиуми во животната средина“, вели Димова – Манчевска.
Инаку, во рамки на проектот една од покомплексните активности е замена на системите за загревање во 129 домаќинства во населбата Ново Лисиче во Скопје. Станува збор за замена од енергетски неефикасни системи кои користат огревно дрво, јаглен или нафта, во топлотни пумпи, инвертери или печки на пелети.
Ребека Спасова М-Нет