Или изнаоѓање решение за беровчани или патот кон Беровско езеро ќе биде блокиран

Жителите од беровско на мирен штрајк пред општинската зграда во Берово. Бараат до четврток да се оствари средба со претставници на соодветните министерства на која ќе им се посочи на жителите од Берово како во услови на заштитено подрачје во Малешевскиот регион ќе може да се користат приватните шуми и да се одгледуваат земјоделски производи. Во споротивно најавуваат штрајк со кој за велигденските празници целосно ќе биде блокиран патниот правец од Берово до Беровското езеро со што туристите нема да може да го посетат истото.

„Наше барање пред сѐ е да се повлече или барем да се ревидира таа одлука, да се сведе на подрачја кои навистина имаат потреба од заштита, како што е изворот на Брегалница, Ченгино кале. Тие може да бидат заштитено подрачје и ние немаме ништо против тоа. Меѓутоа да се заштитуваат подрачја каде што се вршат земјоделски и сточарски работи, не се согласуваме“, велат жителите.

„Ние немаше да знаеме дека е нетранспарентно воден начинот, дека ние не сме известени, дека никој од нас сопствениците нема дадено согласност. Предложивме да спроведеме граѓанска иницијатива за да се повлече одлуката, а тие рекоа дека ќе стојат на истиот став, дека е од голема корист. Постои иницијатива да го блокираме Берово за време на празниците“, додаваат жителите.

Градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пеќески, истакна дека ќе ги повика сите надлежни институции за да се отстранат сите нејаснотии по што тие како Локална самоуправа ќе донесат одлука.

„Изградивме неколку заклучоци, кои во најскоро време ќе бидат процесирани од нас како Општина до соодветните институции, ќе организираме состанок на кој би ги изнеле сите недоречени работи кои треба да бидат предмет на самиот состанок, по што треба да се изгради став за тие барања. Дали треба одлуката треба да претрпи промена, ќе видиме на тој состанок“, додаде Пеќески.

Барањето Малешевскиот регион да се тргне од заштитено подрачје ќе го достават и до Владата. Во заштитеното подрачје се околу 12.000 хектари на шуми, пасишта и земјоделско земјиште, кои според малешевци околу 70 % се во приватна сопственост.

Лаура Стојанова М-Нет