
СОНК очекува покана за средба, власта со став дека дијалог ќе има деновиве, опозицијата, пак, средба најавува за денес. Веќе втор ден од генералниот штрајк на просветните работници во основните, средните училишта и градинките, а министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, со став дека средба ќе има деновиве, но дека времето не е погодно за штрајк.
„Мислам дека во текот на овие денови ќе имаме една конечна понуда, но ќе треба да земеме неколку варијабли, квантитативни и квалитативни, кои ги имаме во процесот. Да знаеме како може тоа да биде направено во ситуацијата во која се наоѓаме. Затоа јас неколкупати кажав дека не сме во најдобра економска ситуација. Сите имаме непредвидени трошоци во оваа ситуација, повисоки од тоа што беше претходно. Затоа кажувам дека за најбрзо време треба да најдеме решение. Треба да има разбирање од сите страни, времето за штрајк не е соодветно.“ – рече Шаќири.
Премиерот Ковачевски потенцираше дека се отворени за дијалог и постигнување систем за раст на платите, кој нема да биде предизвикуван од штрајкови. Денеска, пак, од Штип, потпретседателка на опозициската ВМРО – ДПМНЕ, истакна дека средба со просветните работници ќе има уште во текот на денешниот ден.
„Морам да кажам дека во текот на денот ќе имаме средба и со просветните работници, коишто знаете сите дека штрајкуваат барајќи ги своите права. Ние како политичка партија го поддржавме тој штрајк и сметаме дека треба да си ги остварат своите права, особено во овој тежок период кога и економската состојба во државата е тешка, кога граѓаните секојдневно се борат со беспарица и со секојдневни тешки проблеми. Нашата цел е да бидеме што повеќе присутни на терен и да направиме едно обединување помеѓу граѓаните за оваа Влада што побргу да си замине, бидејќи во континуитет гледаме погрешни политики“, истакна Димитриеска – Кочоска.
Од СОНК очекуваат покана за средба со ресорните министерства или Владата уште денес и конкретен предлог за зголемување на платите, кој ќе биде прифатлив од мнозинството членови на СОНК. Од таму се на ставот дека договор во најкраток можен рок може да предизвика одлука за прекин на штрајкот.
Ребека Спасова М-Нет