Штрајкот на просветните работници непречено се одвива и во Кочани, граѓаните со различен став

Штрајкот на наставниците веќе втор ден се реализира и во кочанското средно училиште „Љупчо Сантов“. Како што велат од таму, на штрајкот се приклучени сите наставници, а бројот на ученици кои доаѓаат е мал.

„Штрајкот се одвива непречено. Кај нас сите членови на Синдикатот, односно од цело училиште се присутни на штрајкот. Вчера мал број ученици дошле, но ние немаме контакт со учениците. За денеска сѐ уште немаме информација за тоа колку биле“, истакна Ангелчо Колев, претседател на ОО на СОНК при СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.

Кочанчани, пак, со различен став, дел со поддршка за наставниците и воспитувачите, друг дел против. За едни просветните работници заслужуваат покачување и тоа веднаш, други, пак, со став дека компромис треба да се најде во време на социјални немири и инфлација.

Во текот на вчерашниот дел СОНК истакна дека сите вработени во училиштата и градинките во кочанскиот регион се придружија на штрајкот. Наставата не се изведува, а учениците се вратени дома. Од детската градинка „Павлина Велјанова“, пак, истакнаа дека децата се згрижени во сите пет објекта, иако дел од вработените ја почитуваат одлуката на СОНК за штрајк.

Ребека Спасова М-Нет