Од некогашните 2000 хектари сончогледови полиња во Овчеполието, денес останало една четвртина

Ако некогаш сончоглед во Овчеполието се произведувал на околу 2000 хектари, денес со сончоглед е само една четвртина. Ниската цена, а високите трошоци се главна причина за ова. Од Владата има ветувања за субвенции, за кои земјоделците сметаат дека може да го зголемат производството, но дури за наредната година, бидејќи оваа година површините се насејани со житарици.

„Намалија се, порано имаше во Овчеполието и во штипско фирми кои беа државни и се сееше сончогледот. Меѓутоа, во последно време цената на сончогледот беше многу ниска и многу мал принос има. Да речеме, сончоглед на нашето поднебје има од 500 до 1 тон по хектар, тоа е многу малку и цената е многу ниска, па затоа луѓето почнаа да не го сејат. Е сега, најново нешто е тоа што пред десетина дена бевме на состанок со Владата, рекоа дека ќе ги зголемат субвенциите за површина по хектар за сончоглед по 18.000. Имаше ветување дека ќе дадат по 100 килограми ѓубре, ќе признаат, тоа е околу 6.000 денари за ѓубриво, кои рекоа дека ќе ги дадат за месец до два. И дополнително ќе има од 5 до 10 денари од килограм за продаден сончоглед“, вели Серафимов, потпретседател на Асоцијацијата на земјоделци.

Површини насеани со сончоглед има и годинава и тоа во поголем број, меѓутоа тоа не е доволно. Голем проблем не само за сончогледот, туку и за останатите култури е и тоа што Овчеполието нема системи за наводнување, па сушата во летниот период често ги уништува.

„Треба веќе да е насеан или сега е моментот кога треба да се сее, некој површини се подготвени, но нема да биде во голем број. Ќе има сигурно покачување од претходната година, ама нема да има голем број на земјоделци коишто ќе сејат сончоглед и оваа година“, додава Серафимов.

Постарите велат дека пред многу години Овчеполието вриело од сончогледови полиња, светиниколските, па и штипските и радовишки села речиси и не се гледале од сончогледови цветови. Денес наместо сончогледи на полињата има само по некоја житна култура и лозови насади.

Ребека Спасова М-Нет