Штип одбележа 81 година од бомбардирањето, Јорданов со порака за мир и сплотеност

Штипјани одбележаа 81 година од бомбардирањето на Штип, градот под Исарот. Претседателот на Сојузот на борци – Штип во пригоден говор се наврати на историјата и настаните, а градоначалникот, претставници од Општината, политички партии и институции во Штип положија цвеќе пред спомен-релјефот кај Народниот театар во Штип.

„Затоа на 6 април 1941 година без претходно објавување на војна германскиот фашистички окупатор и неговите сојузници едновремено од воздух и копно ја нападнале територијата на бивша Југославија, а со тоа и на Македонија со што практично е означен почетокот на окупацијата на бивша Југославија и Македонија. Германското воздухопловство го изврши варварското бомбардирање на градот Штип од базата на Царска Бугарија без никакво предупредување. Во раните утрински часови месното население сè уште спиеше, а некои оделе на работа“, потенцираше претседателот, Петар Мицевски.

Според градоначалникот Јорданов, со ова се дава почит на сите загинати коишто се жртви на бомбардирањето, но и на борците кои се избориле за денешната слобода. За 82. одбележување посака мир и слобода во целиот свет.

„Наша одговорност како денешни генерации е да работиме за развој на нашиот град. Ако минатите генерации се бореле за денешната слобода, наша обврска и одговорност е да го развиваме нашиот град и да ја трасираме иднината на идните генерации. Нажалост денес во светот се случува нешто спротивно, повторно оружјето е инструмент за одржување на доминација. Посакувам догодина на одбележувањето на 82 години од бомбардирањето на градот Штип да престанат сите војни во светот и да завладее мир“, истакна Јорданов.

Бомбардирањето на Штип почнало уште утрото, прво била бомбардирана тогашната Соколаната, каде што сега е и Народниот театар-Штип, во кој биле сместени две единици на тогашната Брегалничка дивизија на војската на Кралска Југославија. Од првиот напад загинале околу 150 војници и офицери, а многумина биле ранети.

Веќе во вториот налет, половина час подоцна авионите ги бомабардирале тврдината „Исар“, околните маала и штипската Болница. Загинале 54 граѓани, 22 биле ранети, а десетмина се воделе за исчезнати. Априлската војна завршила на 17 април 1941 година со капитулација, окупација и поделба на Југославија.

Ребека Спасова М-Нет