
Сметката за електрична енергија на Клиничка болница – Штип за месец февруари – повисока за петпати споредбено со февруари минатата година. Но олеснителен е фактот дека споредбено со другите болница, КБ Штип висока сметка ќе добие само уште за месец март. Од први април направен е договор со нов оператор кој ќе ја снабдува болницата со струја.
„Во февруари ние добивме сметка од крајниот добавувач на струја, бидејќи во текот на јануари ни беше раскинат договорот. Таа сметка се разбира дека е највисока, не само кај нас, туку и во другите здравствени установи, претпоставувам. Во однос на претходниот февруари е отприлика за петпати поголема. За среќа, од први април го завршивме тендерот, веќе сме кај нов добавувач и се надевам дека априлската сметка ќе биде во понормални граници, така што сметам дека ќе добиеме само две толку високи сметки и ќе успееме на некој начин да се справиме со проблемите коишто ги прават високите сметки за струја кај останатите институции“, истакна директорот, Ален Георгијев.
Но високата сметка за струја нема да влијае на набавката на нови апарати, односно планот за јавни набавки веќе е направен и тоа ќе се исполнува независно од сметката за електрична енергија.
„Го имаме веќе направено планот за јавни набавки и тој ќе си оди независно од сметките за струја. Веќе има разговори со Министерството за здравство дека ќе се најдат начини да ни се помогне во овие ситуации, па сметам дека овие една – две сметки ќе успееме да ги надокнадиме на друг начин и исполнувањето на планот за јавни набавки кој е донесен во јануари нема да претрпи промени и ќе го реализираме во целост“, додаде Георгијев.
Инаку, сметката за електрична енергија за месец февруари е 4.000.000 денари во споредба со 700.000 денари за истиот период минатата година.
Ребека Спасова М-Нет