Под мотото „Шарени чорапчиња“ одбележан денот на лицата со Даунов синдром во Штип

По повод одбележување на Светскиот ден на лицата со даунов синдром, првиот човек на Општина Штип, Иван Јорданов, беше во посета на основното училиште „Ванчо Прќе“ во Штип. Со донација на прибор за цртање и преку изработка на цртежи под мотото „Шарени чорапчиња“ се одбележа денот, посочувајќи дека сите деца се исти во сферите од учење и дејствување во општеството.

„Оставивме одредени средства и прибор за полесно следење на наставата на децата со попреченост. Сакам исто така да потенцирам дека во следниот период во соработка со Министерството за здравство, Штип ќе добие регионален центар за дијагоностика и проценка на лица со одреден вид на попреченост. Нашата цел во овие активности е да ја подигнеме свеста кај нашите сограѓани за различностите, затоа што не треба да ги сожалуваме овие дечиња, туку треба да ги разбираме и да овозможиме тие заедно со нас да живеат подеднакво во ова општество“, истакна Јорданов.

Со меѓусебна дружба и работа на децата со даунов синдром и децата од редовна настава се одбележа денот во знак на поддршка и отстранување на сите предрасуди за овие лица, со цел истите повеќе да бидат вклучени во општеството и да се подобри нивниот понатамошен начин на живот.

„Овие лица се застапени во нашето општество, ги има во секое училиште со самите измени во Законот за основно образование. Веќе секое дете, дали со даунов синдром или каква било друга потешкотија во развојот се вклучува во основните училишта, каде што од страна на нашиот Ресорсен центар со законските измени ќе добива соодветна поддршка и помош. Секое дете е различно во зависност, од неговите способности и можности се адаптираат и самите активности. Се прави проценка на тоа што можат децата да прават, се одредуваат околностите и начинот на којшто ќе се работи“, образложи дефектологот Борче Петровски.

Инаку, децата со попреченост, но и со ретки болести се ослободени од плаќање партиципација во градинките, изјави на Денот на ретките болести – 28 февруари Јорданов, а денеска го потврди истото.

Лаура Стојанова М-Нет