
Во Кочани промовиран наградениот ракопис „Алфа и Омега“ на Славица Урумува – Марковска. Во кочанската Библиотеката „Искра“, авторката го промовираше поетскиот ракопис – добитник на наградата „Бели мугри“, која ја доделува Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје. Станува збор за книга базирана на констрастот почеток и крај, како основа на секојдневното функционирање на светот.
„Ова е моја осма книга по ред, во неа има повеќе циклуси. Насловот на книгата „Алфа и омега“ означува почеток и крај како што сè има почеток и крај, но и на секој крај следи нов почеток“, објаснува авторката.
Урумова – Марковска е автор на повеќе збирки поезија, меѓу кои се и „Кога љубовта цвета“, „Лавиринт на љубовта“, „Сложувалка“, „Искри на љубовта“ и други. Застапена е во голем број зборници и поетски алманаси во земјава и регионот и учествувала на повеќе поетски фестивали. За следниов период подготвува и збирка есеи.
„Инаку, јас сум магистер по историски науки и сега сум докторант на Институтот за национална историја, наставник сум по македонски јазик, пишувам и за возрасни, имам и поезија за деца. Минатата година исто така излезе од печат мојата книга „Планета со две сонца“ за која инспирација беа моите две дечиња. Во моментов сакам да го завршам докторскиот труд, испитите, во скоро ќе излезе и мојата нова книга која ќе биде со есеи“, додава Урумова – Марковска.
Инаку, авторката е 13. добитник на наградата „Бели мугри“, која се доделува од 2009 година за млад автор до 35 години. Свечената промоција беше на 22 декември минатата година во рамки на традиционалната манифестација „Денови“ која Домот на култура ја организира во чест на раѓањето на македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин.
Ребека Спасова М-Нет