Ќе се изгради ли штипската болница во дадениот рок? Од Министерството велат – се работи

Ниту една третина не е завршена од штипската Клиничка болница. Веќе пет години се гради, а изведувачот, грчки „Интеркат“ има завршено само 31% од изградбата. Оваа фаза требаше да биде готова пред три години, но сега рокот за истата е до декември годинава. Од Министерството за здравство велат дека досега се исплатени 11,3 милиони евра, а исплатите биле направени во декември мината година и во јануари годинава. Како што велат од Здравство, изведувачот работи на објектот.

„На објектот на КБ Штип работат до 100 работници на дневно ниво и активно се работи на поставување челична конструкција, поставување спуштен плафон во објект на линеарен акцелератор, како и завршни работи на фасадата и други технички градежни активности.“, пишува во одговорот на Министерството за здравство.

Од таму напоменаа дека крајниот рок за завршување на целиот објект е крајот на јуни 2023 гофина. Сепак, динамиката и повлекувањето на финансирањето од Светската банка покажува дека рокот тешко дека ќе се испочитува. Целосната изградба чини 30 милиони, а за преостанатата изградба Владата треба да обезбеди 19 милиони. Проектот опфаќа и уривање и повторна изградба на помал објект што треба да се поврзе со новоизградената болница на просторот каде сега се наоѓа лабараторија и рендген.

Ребека Спасова М-Нет