Редици пензионери чекаат за ваучери во Штип, една третина веќе доставиле потврда од пензиите

Редици пред Здружението на пензионери Штип за добивање ваучери. Имено, Здружението своите заштедени пари ќе ги даде во вид на ваучери за пензионерите, а постапката е едноставна, треба да се донесе само ливче, односно потврда од пензиите. Заинтересираноста голема, од вкупниот број, 9500 пензионери, за само една недела речиси една третина доставиле ваква потврда.

„Процедурата околу добивање на ваучер, материјална услуга, паричен надомест или друга услуга ќе се формира поголем број на ливчиња од нашите членови пензионери. Право да донесе ливче има секој наш член пензионер во Здружението на пензионери – Штип. Откако ќе се соберат сите ливчиња, ќе се направи селекција и анализа. Здружението ќе излезе со одреден став за тоа кои пензионери може да подигнат одредени бенефиции од Здружението. Ова се средства кои се заштедени во минатите години“, истакна Ристе Нетков, претседател на Здружението на пензионери – Штип.

Повеќе информации ќе се знаат по 9 март, кога ќе биде формирана Комисија и истата ќе се состане на седница. Дополнително, ќе се одредува и бројот на пензионери кои ќе добијат ваучери и висината на ваучерите.

„Во овој момент нема, бидејќи не знаеме на колку членови тоа ќе се додели. Доколку бидат поголем број на членови тоа ќе се додели. Доколку бидат поголем број на членови, тогаш висината на ваучерот или услугата ќе биде помала. Ако се помалку, тогаш услугата ќе биде поголема. Заинтересираноста на нашите пензионери е многу голема, до овој момент веќе имаме пристигнато околу 3.500 ливчиња од пензии“, додаде Нетков.

Претседателот на Здружението на пензионери – Штип, Ристе Нетков, во оваа прилика истакна дека ваучери ќе се доделат само на одреден број пензионери поради финансиската состојба на Здружението и средствата со кои располагаат.

Ребека Спасова М-Нет