Трпи ли Општина Штип политички поени од централната власт?

Трпи ли Општина Штип политички поени од страна на централната власт? Претходните неколку денови на настани на кои присуствуваше Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, како и увидот на брана на река Отиња од страна на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, првиот човек на Општина Штип не беше присутен. Според Јорданов, од централната власт Штип ги добил само патарините на автопатот Штип – Миладиновци.

„Не само јас, таков впечаток добиваат и граѓаните на Општина Штип, затоа што овие неколку години штипјани се ограничени со државни средства и ресурси, затоа што е прекинато финасирањето на изградбата на Клиничката болница во Штип, а од годините наназад беше намалена динамиката на градба. Универзитетот „Гоце Делчев“ исто така има намалено финансирање од државата. Во последно време гледаме дека проектите коишто се финансирани од централната власт, а се наменети за Штип, се ограничуваат со финансиски средства. Она што го добивме од Министерството за култура за одржување и финансирање на фестивалот „Макфест“ е исто така потврда за ова. Единствено нешто што добивме од централната власт е поставување на две нови патарини на автопатот Штип – Миладиновци“, истакна Јорданов.

Дополнително на ова, Јорданов додаде дека целата на централната власт е да создаде проблеми во работењето на локалната власт во Штип.

„Очигледно, тоа е намерата на централната власт. Да создаде проблем во функционирањето на локалната самоуправа во Штип за да не се реализираат одредени проекти коишто ги заслужуваат штипјани. Но и покрај овој однос, овој начин на којшто централната власт се однесува кон Штип, јас сум убеден дека ќе ги изменаџираме сите овие проблеми. Граѓаните оваа година ќе добијат проекти како никогаш досега. Штип ќе се гради! Најавувам градежна експанзија, но исто така и другите настани во делот на спортот и културата ќе бидат запазени и ќе бидат финансирани од страна на Општина Штип, а ќе ги скратиме сите нерационални трошоци коишто во минатото биле издавани од страна на буџетот. Тоа се репрезентации, трошоци за службени возила, трошоци за угостителски услуги и слично“, додаде Јорданов.

Капиталните проекти ќе продолжат со реализација, дециден беше Јорданов, додавајќи дека средства ќе се обезбедат за сите предвидени проекти.

Лаура Стојанова М-Нет