Треба ли да има директен пренос од седниците на Советот на Општина Штип на телевизија?

Директен пренос на телевизија од седниците на Советот на Општина Штип, беше предлогот на советникот од СДСМ, Иван Бојаџиски. Како што рече тој, потребна е целосна транспарентност на Советот, а штипската јавност така ќе знае дека советниците работат и не се таму само за своите паушали.

„Овој Совет се страшно невидливи за нашата јавност. Луѓето кога ќе нѐ сретнат на улица, ќе нѐ прашаат што работите вие. Затоа јас мислам дека е крајно време тоа што го започнавме и со претходниот советнички состав, а не го завршивме, да не се најде, да се објави оглас за директен пренос на седниците на Советот на една од нашите телевизии. Само така ќе станеме достапни за јавноста, само така јавноста ќе знае што ние работиме. Ако сега погледнете во начинот на кој сега се врши преносот, само пет луѓе нѐ гледаат, што е поразително за нашиот град“, истакна Бојаџиски.

Бојаџиски повика на сплотеност околу ваквата потреба, но несогласување веднаш пристигна од советничката на Левица, Сенада Ибраимова. Со став дека Општината не треба да плаќа на приватни телевизии, таа потенцираше дека други Општини имаат подобри преноси и тоа е така затоа што кај нас никој не се интересира.

„Убаво е да се пренесуваат, меѓутоа ние немаме општинска телевизија, сите се приватни. Тие за тоа ќе бараат надоместок. Недозволиво е еден Совет да плаќа за некоја јавна услуга којашто е должност на новинарите. Должност на Општината е сама да обезбеди пренос, а тоа не е нешто скапо, тоа треба само некој стручен да го среди. Во сите Општини имаат супер пренос, дури Делчево има многу подобар пренос, па и ние во Левица имаме подобар. Вие самите ми рековте дека тоа е така седум години и никој не се интересира за тоа“, рече Ибраимова.

Општина Штип редовно врши пренос на седниците на својата „фејсбук“ страна, но јавноста многу ретко ги следи. За тоа која телевизија да ги пренесува и начинот на кој ќе се избере најповолната понуда, Бојаџиски рече дека служубите најдобро ќе знаат да одберат.

Ребека Спасова М-Нет