
Мартин Каровски е нов претседател на ОО на ДОМ во Штип. На редовното Изборно собрание беше избран нов Општински одбор, а веднаш потоа беше одржана и првата седница. ДОМ освен нов претседател, избра и двајца потпретседатели како и организационен секретар.
„Во сабота се одржа Изборното собрание на ОО на ДОМ во Штип, на кое беше избран Општинскиот одбор. Потоа на првата седница на Општинскиот одбор беа избрани новиот претседател, двајца потпретседатели, Ванчо Санев, досегашен претседател од сениорите и Јулија Пеновска, магистер по правни науки и доаѓа од младинската организација, и организационен секретар, Стефанија Неделкова, која исто така доаѓа од МОДОМ. Драго ми е што застапеноста на мажи и жени е избалансирана и на тоа што и сениорите и младите заедно ќе продолжат во новото раководство“, рече Каровски.
Како што истакна Каровски, во програмските активности се опфатени општините, но пред сѐ ќе се стави акцент на политичката култура. Општинската организација ќе настојува да ја подигне на едно повиско ниво и да влијае за постигнување повисока оцена.
„Во однос на програмските активности тие се дефинираат на стратешките планирања. Во сегашната програма 2020/2024 година се опфатени и голем дел од програмските определби за локалните заедници за општините. Во Општина Штип не успеавме да обезбедиме советничко место, па имплементирањето на програмските определби ќе оди преку оние институции во коишто сме застапени или преку активизам. Ќе се обидеме да наметнеме ново ниво на политичка култура и цивилизација. Сегашната оцена 3/10 е разочарувачка. Политичката дебата треба да биде оправдана со аргументи и полна со идеи, а не со навреди“, додаде Каровски.
Извршниот одбор, кој ќе брои 9 членови, е комбинација од млади кадри, повеќе генерации и професии. Инаку, досегашен претседател на општинската организација на ДОМ беше Ванчо Санев, кој на последните избори беше и кандидат за градоначалник на Општина Штип.
Ребека Спасова М-Нет