
ЈП „Исар“ поставува табли со апел за нефрлање отпад и телефонски броеви за пријавување недозволено фрлање отпад. Како што истакна в.д. директорот, Трајче Здравков, со поволните временски услови и тие продолжуваат да ги чистат поголемите и помалите депонии низ Штип. На веќе исчистените депонии се поставуваат и информативни табли со цел превенција за повторно формирање на истите.
„ЈП „Исар“ денеска пристапи кон поставување табли „Не фрлај отпад!“ во соработка со Општина Штип. На сите оние локации коишто минатиот месец ги исчистивме мини – депониите, денес повторни ги исчистивме од градежен шут и ѓубре и поставуваме информативни табли. Ова е наша мала кампања којашто ќе ја водиме во идниот период за да ја подигнеме свеста на нашите сограѓани“, рече Здравков.
Освен ова, во насока на превенција од повторно формирање на депонии, екипи од ЈП „Исар“ ќе почнат да го собираат и шутот од домовите на граѓаните. Како што додаде Здравков, како ќе функционира ова, дополнително ќе биде образложено.
„Од наредната недела ќе почнеме и со друга активност за исфрлање шут од домаќинствата. Деталите ќе бидат образложени на нашата фејсбук – страна и на дополнителна прес – конференција. За да не се создаваат вакви депонии ние во нашата програма ставивме одлагање шут од домаќинствата“, додаде Здравков.
ЈП „Исар“ продолжува со активностите за чиста средина, односно како што беше и најавено, со чистење се продолжува од оваа недела, бидејќи временските услови го дозволуваат тоа.
Ребека Спасова М-Нет