Фудбалскиот женски клуб од рударскиот град во истокот „Каменица Саса“ добива засилување во својот тим, нова фудбалерка која ќе настапува со дрес број 18. Вчеравечер официјално беше потпишан договорот за ангажман на американското засилување, фудбалерката Пејтон Тајлер Чик која доаѓа од Сиетл, Соединети Американски Држави. Откако ги помина успешно сите потребни медицински тестови, американката Пејтон ќе биде дел од тимот во рок од една година. Со самото потпишување на договорот веднаш ги започна и тренинзите заедно со актуелните шампионки на Македонија. Со вклучувањето на американската фудбалерка во екипата се добива повеќе квалитет на крилните позиции, а имајќи го предвид нејзиното искуство, од клубот очекуваат во пролетната сезона Пејтон да им помогне да бидат уште посилни и да постигнат најдобри резултати со остварување победи на утакмиците, но и повторно искачување на врвот на табелите во категориите каде настапуваат. Како што велат од тимот „Каменица Саса“, задоволството да се тренира и достигнува успеси со Пејтон е огромно. Веруваат дека со неа ќе имаат многу успеси и ќе се закитат со трета титула.
„Од денес наша нова фудбалерка е Пејтон Тајлер Чик, која ни доаѓа од Сиетл, САД. Откако успешно помина медицински тестови, Пејтон го потпиша својот едногодишен договор и се приклучи на првиот тренинг на актуелните Шампиони на Македонија. Со доаѓањето на Пејтон добиваме повеќе на квалитет по крилните позиции, со своето искуство очекуваме пролетниот дел да ни помогне да бидеме уште посилни и порезултатни!Со среќа Пејтон, многу заеднички успеси и секако трета титула во низа!“ Стои во соопштението од клубот до фудбалската јавност
„Каменица Саса“ функционира успешно веќе пет години, а во Првата женска фудбалска лига во државата за сезоната 2019/2020 е шампион. Тогаш Управниот одбор на ФФМ донесе одлука за прекин на првенството со што заклучно со последното одиграно коло, „Каменица Саса“, која беше првопласиран тим, е прогласен за шампион на Македонија со 13 победи и еден нерешен резултат. Минатата година тимот клубот испиша одлични резултати.
Благојчо Костадинов М-Нет