Филтер станицата во Штип доделена на ЈП „Исар“, придобивките огромни

Новата филтер станица во Штип доделена на ЈП „Исар“. Денеска на седница на Советот на Општина Штип користењето на филтер станицата му се додели на ЈП „Исар“, што значи дека на крајот на месец февруари или почетокот на месец март штипјани ќе добиваат вода за пиење од ХС Злетовица. Ова е од полза за градот под Исарот, бидејќи ова ќе биде единствениот град во Истокот каде ќе има можност граѓаните од две места да добиваат вода за пиење.

„Со одлука на Советот на Општина Штип и официјално беше предаден новиот дел од преадаптацијата на филтер станицата на ЈП „Исар“ Штип, така што по спроведува на сите административни мерки (запишување во катастар, обезбедување дозволи) ќе може конечно да ја примиме водата од ХС Злетовица. Штип ќе биде единствен град во овој регион којшто ќе има два система за водоснабдување“, истакна в.д. директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков.

Оваа година треба да заврши доградбата на филтер станицата, а сите документи од Министерството за земјоделство се во рацете на Општина Штип, односно кај ЈП „Исар“. Меѓутоа, освен решавање на административната пречка поголемо значење има, бидејќи со приклучувањето на ХС Злетовица ќе се намали сметката за електрична енергија на ЈП „Исар“.

„Уште поважно во овој момент е онаа финансиска причина. Со преадаптацијата на филтер станицата е овозможено да се примат водите од ХС Злетовица со што општина Штип ќе биде корисник на оваа вода. Многу важно е да се знае дека во моментов ЈП „Исар“ користи три пумпи за водоснабдување, кои трошат многу електрична енергија. Знаете сите дека цената е покачена во однос на претходниот период и од тие причини потребно да се предаде овој дел“, истакна Вишна Шорова – Ангелова.

Инаку, сѐ уште неофицијално, анализите од белградскиот Институт за јавно здравје се позитивни. Меѓутоа, бунарскиот систем на водоснабдување кај штипјани нема да биде целосно исфрлен од употреба, дециден беше Здравков.

Ребека Спасова М-Нет