
Само два слободни кревети за ковид пациентите останаа во штипското Инфективно одделение. Според извештајот од болницата во последните 24 часа бројот на новопримени е за три пати поголем од бројот на оздравени пациенти. Имено, во изминатото деноноќие новоприменеи се девет пациенти, дома си заминале само тројца. Со ова бројот на хоспитализирани на Инфективното одделение во Штип е 56, од кои 44 имаат потреба од кислородна поддршка и се приклучени на апарати за дишење, а вакцинирани се 16 пациенти. За среќа нема регистрирано починати лица во изминатите 24 часа, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.
Со полнење на капацитетите на штипската болница, се појавува можноста за отворање и на модуларната ковид болница во Кочани. За сега ковид пациентите од Кочани се препраќаат на болничко лекување во Штип, но капацитетите веќа се речиси полни, а кадар за отворање на модулараната болница во Штип нема.
Во општините од Истокот моментално активни се 915 ковид случаи, најмногу во Штип 317, во Кочани 210 и во Делчево 151. Во останатите општини од Истокот бројката е двоцифрена но висока во Берово каде активни се 86 ковид случаи, а двоцифрена е и во Македонска Каменица и Пехќево каде има 41 односно 25 корона пациенти.
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 17-ти до 23-ти јануари 2022 година, тестирани се 39.289 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 15,6% во однос на минатата недела. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст 30-39г (n=2.711, 23,4%) и 40-49г (n=2.424, 20,9%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9г (n=267; 2,3%). Се забележува зголемување на бројот на заболени кај скоро сите возрасни групи со најголемо зголемување кај возрасната група над 0-9 години со зголемување од 30,9% и возрасната група 60+ со зголемување од 17,1% во однос на претходната недела. Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 1.559 реинфекции, со зголемување од 25,0% во однос на претходната недела.
Досега направени се над милион и 700 илјади тестирања, а бројот на активни ковид случаи е над 20 илјади.
Лаура Стојанова М-Нет