
Сѐ почесто полни и ординациите на матичните лекари. Во изминативе две недели кај нив се јавуваат лица кои имаат респираторни симптоми. Според д-р Златко Стојменов, кај дел од нив станува збор за инфекција со Ковид – 19, меѓутоа има и случаи на вироза, настинка и грип. Во однос на инфекциите со Ковид – 19, пак, почесто тоа се случаи на новиот сој омикрон чии симптоми се полесни и не доведуваат до хоспитализација на ковид – позитивните лица.
„Факт е дека во последните денови прегледите се зачестени, а амбулантите полни. Зачестени се прегледите кај лица со респираторни проблеми, со вирози, кои често се коронавирус, а често и не се. Зголемен е бројот на луѓе со коронавирус, тоа е факт. Меѓутоа, она што забележуваме кај луѓето кои боледуваат од овој нов сој е дека симптомите се помалку денови, полесни се, без поголеми компликации, со помалку хоспитализации. Сепак, тоа не треба да ги ослободи пациентите, бидејќи уште има и инцидентни тешки случаи“, вели д-р Стојменов.
Начин за тоа како во домашни услови да се разликуваат есенско – зимските инфекции од Ковид – 19 нема. Препораките се, во случај на појава на симптоми како што се кашлица, покачена температура, зарипнат глас и слично, да се побара медицинска помош и да се посети матичен лекар. Лекарските претраги, како и потребните тестови ја утврдуваат состојбата, па препорачуваат соодветни лекови за подобрување на здравствената состојба.
„Во однос на тоа како да се препознаат, гледате дека и самите соеви на коронавирус даваат различни симптоми, така што најдобро е да се разликуваат преку медицински претраги, преку прегледите на лекарите и преку испитувањата кои ги правиме. Тоа е ПЦР тестот, кој е неопходен за лицата кај кои се сомнева дека се заразени со Ковид-19. Додатни иследувања може да се направат за да се бара причинителот. Факт е дека покрај вирозите, кои во последните неколку години ги нагласивме како причинител за есенско – зимните инфекции, веќе постојат и многу компликации со бактериски инфекции кои ги лечиме со соодветни антибиотици“, додава д-р Стојменов.
Меѓутоа, новиот сој „омикрон“ ги полни амбулантите, но не и болниците, поради лесните симптоми. Според податоците од Институтот за јавно здравје, вирусот се шири брзо, а двојно зголемување има кај популацијата од 20 до 29 години, пораст има и кај возрасната група од 30 до 39 години. Освен брзото распространување, кај новата мутација „омикрон“ инкубацијата е пократка, а и лекувањето.
Ребека Спасова М-Нет