
Со физичко присуство или онлајн, почеток на второто полугодие или продолжен распуст. На неколку дена до крајот на распустот, пред почетокот на второто полугодие, сѐ уште е неизвесно дали и како ќе започне истото. Комисијата за заразни болести согласно со утврдената епидемиолошка состојба не предложи одложување на почетокот на второто полугодие. Од Владата официјален став сѐ уште нема, а за оваа тема ќе се дискутира и на Владина седница по што ќе се знае официјалната одлука. Епидемиолозите за ова прашање се со поделени мислења, а и јавноста.
Дел од лекарите се за одложување на стартот на второто полугодие за две недели, дел, пак, сметаат дека наставата не само што треба да продолжи, туку треба да биде без маски. Родителите се организираат во различни иницијативи и групи на социјалните мрежи со што дел се за онлајн настава, други пак за настава со физичко присуство. Од Синдикатот за образование и наука велат дека ќе остават Комисијата за заразни болести да го каже последниот збор, но според СОНК наставниците биле за учење со физичко присуство
И од Унијата на средношколци сметаат дека и во второто полугодие треба да се вратат во училишните клупи, а доколку епидемиолозите одлучат дека состојбата е алармантна апелираат на комбиниран модел, но во никој случај само со онлајн настава.
Сепак, во услови на зголемено и брзо ширење на вирусот, како и зголемениот број на активни случаи, до последен момент останува неизвесно каква одлука ќе донесе Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство за второто полугодие.
Ребека Спасова М-Нет