
40% од целокупниот отпад во Општина Штип отпаѓа на текстилниот отпад, со оглед на фактот дека најголем дел од текстилните компании се лоцирани на подрачјето на Штип. Тргнувајќи од овој факт започнува со реализиција нов проект преку кој текстилниот отпад ќе биде рециклиран и од него ќе се произведуваат перничиња и јоргани кои понатаму ќе се продаваат.
„Идејата за проектот беше многу едноставна, текстилниот отпад е всушност главната идеја, заштита т.е. спасување на градот од текстилниот отпад. Општина Штип има најмногу текстилни компании во цела држава и тие генерираат голем дел од вкупниот отпад. Досега нам не ни беше јасно како никој не почнал да се знаимава со оваа работа затоа што има многу текстилен отпад, но ние ја превртевме работата и во тој текстилен отпад гледаме ретро материјал, суровина за производство на одредени производи со додадена вредност. Од една страна го намалуваме количеството на текстилен отпад, од друга страна произведуваме производи кои имаат употребна вредност“ – кажа Шарковски.
За почеток производите од текстилен отпад се пласираат само онлајн на продавницата „Купи рециклирано“, а понатаму ќе има и веб сајт преку кој ќе може да се нарачува најпрво само во државата, со тенденција да се прошири и надвор од границите. Прокетот функционира како социјално претпријатие.
Овој проект е од големо значење и за студентите, бидејќи со нивна помош се дизајнираат производите, а истовремено имаат и практична настава.
Во реализизацијата на проектот се вклучени две здруженија, Фондацијата за развој на Локалната заедница и ИНТЕХ од Штип, а дизајните на производите се осмислени од страна на студентите од Техничко технолошкиот факултет при УГД.
Лаура Стојанова М-Нет