
Новите пообилни врнежи од дожд на територијата на Општина Штип ги вадат на виделина проблемите кои ги крие сончевото време. Дел од улиците се покриени со вода, проблем и за пешаците и за возачите. На некои улици атмосферската вода се слева по улиците бидејќи решетки нема, на друг дел пак решетките не се функционални. Но, ако се сумира се според в.д. директорот на ЈП „Стипион“ Игор Ефтимов, само 10% од улиците се без решетки за атмосферска вода.
„Надлежност на ЈП Стипион е одржувањето на атмосферската канализација во градот. Поголем дел, да не речеам 90% од улиците во нашиот град се покриени со стмосферски решетки кои што редовно ги чистиме. Има мал дел од улиците кои не се покриени со атмосферски канали и решетки, бидејќи се планира тие улици во иднина да бидат реконструирани“ – кажа Ефтимов.
Според Ефтимов пообилните врнежи од дожд не можат да создадат дополнителни проблеми во Штип. Но, улицата „Ванчо Китанов“ е под вода, на улицата „Димитар Влахов“ во Ново село атмосферските решетки се покриени со асфалт. Првиот човек на Општина Штип, Иван Јорданов најавува решавање на овие проблеми кога ќе дозволат временските услови.
„Вонаредните неколку месеци ќе започнеме и завршиме со постапката за изградба на потпорните ѕидови и согласно оваа постапка ЈП „Стипион“ ќе ја канализира оваа атмосферска вода. Некаде кога ќе се создатат временски услови, еве да кажам април месец јас се надевам дека постапката за изградба на потпорните ѕидови веќе ќе биде завршена. Улицата Димитар Влахов е доста амортизирана, но предвидена е нејзина реконструкција“ – додаде Јорданов.
Инаку, каналите кои треба да ја апсорбираат атмосферската вода благовремено се чистат, додаде Ефтимов.
Лаура Стојанова М-Нет