Земјотресот – најсилен во Битола, почувствуван и во Штип

Силен земјотрес со епицентар во Лерин вчеравечер се почувствува и во земјава. Послаб земјотрес околу 22:43 часот беше почувствуван во Скопје, а и во повеќе места низ државата, меѓу кои, според информациите од социјалните мрежи, и во Штип. Граѓаните загрижено објавуваа на социјалните мрежи, дел го почувствувале, дел не. Сепак, по нивните сведоштва може да се заклучи дека оние кои живеат во згради повеќе го почувствувале од оние во куќи.

Меѓутоа, најсилен ефект земјотресот имаше во Битола, каде граѓаните цела вечер ја поминаа под отворено небо. Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, соопшти дека регистрирала серија земјотреси чии епицентри се наоѓаат на 130 километри јужно од Скопје во соседна Грција во околината на Лерин.

Првиот земјотрес кој се случи во 22 часот и 43 минути беше со Рихтерова магнитуда ML5.6, а беше најсилно почувствуван од населението во југозападниот дел и тоа со интензитет од V-VI степени според Европската макросеизмичка скала. Во централниот дел од земјава беше почувствуван со интензитет од IV степени, а во Скопје и околината со интензитет од III – IV степени.

Вториот почувствуван земјотрес беше во 22 часот и 53 минути со Рихтерова магнитуда ML4.2, а беше почувствуван од населението во југозападниот дел на земјава со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала.

Овие земјотреси предизвикаа голема вознемиреност кај населението, но нема поголема материјална штета. По серијата земјотреси, битолскиот кризен штаб денес ќе заседава, а според Сеизмолошката опсерваторија се очекуваат и дополнителни афтершокови.