
Да се отвораат спомен соби или реставрираат старите куќи во спомен на видните личности од Штип? Сѐ уште е актуелна ситуацијата со старите куќи во населбите низ Штип, на кои за користење им треба целосна реставрација. Меѓутоа, дел од нив се во надлежност на Општината, а други се приватна сопственост. Градоначалникот, Иван Јорданов, вели дека тие како Локална самоуправа за да пристапат кон реставрација на дел од куќите прво треба да разговараат со сопствениците, а и да добијат дозвола од Управата за заштита на културно наследство под чија заштита се куќите.
„Станува збор за долгогодишен проблем којшто се провлекува. Општина Штип во овој момент ќе разговара со сопствениците на овие куќи коишто се под заштита на Управата за заштита на културно наследство. Исто така, мораме да добиеме првична дозвола од оваа институција доколку сакаме да ги реконструираме и реставрираме овие стари куќи, коишто се склони кон паѓање и опасни за минувачите, како и за возилата коишто транзитираат на тој дел од градот. Во согласност со сопствениците на овие куќи и со дозвола од Управата може веќе во следна фаза да размислуваме за реставрација и заштита на овие склонопадни куќи“, истакна Јорданов.
Во Штип има само две спомен соби едната на роднокрајниот поет и писател, Ацо Шопов, и една на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, како и една спомен куќа, посветена на народниот херој, Славчо Стојменски. Меѓутоа, со потекло од Штип се уште бројни видни личности, партизани, револуционери, политичари, научници, литерати. Како што додаде Јорданов, поголем број од куќите низ Штип во старите населби имаат потреба од обнова. Меѓутоа, станува збор за поголема инвестиција бидејќи нивниот број не е мал.
„Станува збор за една поголема инвестиција, бидејќи не само во централното градско подрачје, туку и во поголем дел од старите населби на територија на општина Штип има потреба од реставрација, реконструкција на куќите. Некаде сопствениците на овие објекти сами одлучуваат да ги срушат или реконструираат, некаде ние ќе одлучиме согласно со можностите. Доколку ни дозволи надлежната институција, јас би сакал доведени во еден нормален налик за разубавување на изгледот на нашиот град“, додаде Јорданов.
Инаку, претходно под заштита целосно се стави штипско Ново Село. Обврската за реконструкција на куќи кои не се приватна сопственост е на Општината, но од НУ Завод и Музеј Штип истакнаа дека ќе дадат свој придонес. Уште тогаш Јорданов истакна дека ќе се пристапи кон креирање проект за на куќите да им се врати автентичноста од 19. век.
Ребека Спасова М-Нет