
Илчо Ѓорѓиоски, е нов шеф на стручниот штаб на ФК Брегалница. Инаку, Илчо Ѓорѓиоски е еден од најтрофејните македонски фудбалски стратези и поранешен претседател на ФФМ.
ФК Брегалница пред стартот на зимските подготовки за пролетниот дел од шампионатот постигна договор за спогодбена разделба со досегашниот шеф на стручниот штаб, Марјан Секуловски. Разделбата е на барање на Секуловски, поради лични причини, и покрај искрената желба од двете страни за продолжување на досегашната повеќе од успешна соработка.
„Брегалница со овој чин и именувањето на Илчо Ѓорѓиоски за нов шеф на стручниот штаб отворено ја покажува намерата за дополнителен свој фудбалски развој. Нема потреба да се трошат зборови за тоа кој е Илчо Ѓорѓиоски на македонската фудбалска сцена, па единствено може да посакаме да се продолжи со успешните резултати на ФК Брегалница во иднина“, истакна првиот човек на Брегалница, Кирил Гогов, по потпишувањето на договорот со Ѓорѓиоски.
Илчо Ѓорѓиоски во својата тренерска кариера има три шампионски титули во македонското првенство, со Македонија ЃП и со Вардар, а успешно ја предводеше и Фудбалската Федерација на Македонија.
„Без сомнение, Брегалница добива шампионски шмек со ангажманот на Ѓорѓиоски. Трофеите во македонскиот фудбал, но и фактот дека ја препороди Фудбалската Федерација на Македонија во нејзините најтешки години, доволно зборува за тоа какво име доаѓа на чело на тимот на Брегалница“, вели спортскиот директор на „сините“, Никола Тонев.
Илчо Ѓорѓиоски деновиве ќе го преземе тимот низ подготовките за стартот на вториот дел од сезоната.