Мицкоски: Илинден е најсилниот доказ дека постојат народи кои можат да бидат окупирани, напаѓани, предавани и потценувани, но никогаш не можат да бидат покорени

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Илинден не е само датум во календарот, туку завет и карактер, кој ја симболизира борбата за слобода, државност и достоинство.

Во обраќањето од Пелинце по повод 2 Август – Илинден, Денот на Републиката, Мицкоски истакна дека денеска се одбележува споменот на генерации кои, како што рече, се воделе од идеали, жртви и соништа за слободна Македонија.

„Илинден е најсилниот доказ дека постојат народи кои можат да бидат окупирани, напаѓани, предавани и потценувани, но никогаш не можат да бидат покорени, затоа што слободата не започнува на границите на една држава, туку во срцето на еден народ“, порача Мицкоски.

Тој нагласи дека Крушевската Република и АСНОМ претставуваат една историска целина, односно „две страници од истата книга“ напишана со вера, храброст и одлучност Македонија да биде слободна и достоинствена.

Мицкоски потсети на улогата на Никола Карев и Методија Андонов-Ченто, како личности кои ги предводеле двата процеси, посочувајќи дека идеите од Илинден 1903 година својот државотворен облик го добиле со Првото заседание на АСНОМ во 1944 година.

Говорејќи за одлуките на АСНОМ, премиерот рече дека тие поставиле темели за македонската државност и ги дефинирале основните права на граѓаните, меѓу кои слободата на говорот, правото на национална припадност, вероисповед и правото на глас, вклучително и за жените.

Тој посочи дека антифашизмот станал трајна определба и оцени дека одлуките на АСНОМ претставуваат потврда на историскиот континуитет на македонската државност.

„Слободата на Македонија не ја донесе никој однадвор, македонскиот народ и сите националности, сами се изборија и ја извојуваа македонската државност и ги остварија вековните идеали на ајдутите, комитите, војводите, партизаните и на сите знајни и незнајни борци низ децениите наназад“, рече Мицкоски во обраќањето во Пелинце.

Текстот (Видео) Мицкоски: Илинден е најсилниот доказ дека постојат народи кои можат да бидат окупирани, напаѓани, предавани и потценувани, но никогаш не можат да бидат покорени е превземен од МАКФАКС.