
Мостот кој ги поврзува селата Долни Балван и Таринци сѐ уште не е пуштен во функција. Причина за ова беше неговото попуштање од надојдената вода на река Брегалница. Увидот е во тек, а по негово завршување ќе може да се зборува и за санација, истакна градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов кој беше дел од нашата емисија „Зум анализа“.
„Тој мост ги поврзува селата Долни Балван и Таринци. Ние сме во тек со увидот, овде проблем претставува и самата река, текот на река Брегалница, којшто го отежнува увидот на лице место. За санација е потребен проект, јас веќе работам со проектантски куќи коишто се задолжени за проектирање на мостови, ја имаме почетната фаза. Се испитува тлото на реката, мора да се земат сите оние спецификации за изработка на проект. Откако ќе го изработиме проектот, ќе пристапиме кон барање средства од државата и институциите коишто се надлежни за вакви ситуации“, истакна Паунов.
Паунов е скептик дека ќе добие помош од државата. Истовремено, тој најави дека доколку не добие поддршка и помош од Владата, ќе пристапи кон сериозни протести во Општина Карбинци.
„Она што сум скептик е дека ќе ја добијам таа поддршка, тие ни телефоните не ги креваат во последниов период. Ќе го чекаме и составот на новата Влада, па ќе видиме каков ќе биде односот од нивна страна. Инаку, доколку не добијам поддршка од таа страна, ќе објавам и сериозен протест во Карбинци, блокада на главните патишта сѐ додека не се реши овој проблем. Од наша страна во Општина Карбинци ќе го изработиме сето она што е потребно за да ги добиеме во најбрз можен рок потребните документации и да пристапиме кон санација на овој мост“, додаде Паунов.
Паунов истакна дека се работи и на други доста значајни проекти за подобрување на условите за живот во Карбинци. Се очекува од пролет да се започне со нивна реализација.
Завршени се и дел од проектите кои беа започнати од претходната власт, како на пример мостот на Козјачка река.
Лаура Стојанова М-Нет