
По хаваријата која неодамна се случи во средното општинско училиште „Гошо Викентиев“ од Кочани и по изјавата на градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, дека учениците најверојатно во клупите ќе седнат од почетокот на второто полугодие, утринава новиот в.д. директор кажа дека учениците на настава се враќаат од утре. Услови, според него, има.
„Од утре почнуваат учениците да доаѓаат со физичко присуство на настава. Наставата ќе се одвива само на првиот кат, таму е испитано и е безбедно, нема проблеми. Со тоа децата ќе можат безбедно да се вратат на настава“, истакна в.д. директорот, Спирко Златков.
Папазов истакна дека за штетите дополнително ќе се извести, бидејќи сега се на терен со надзорот во соработка со новиот директор на училиштето. Ќе се бара и одговорност за настаната ситуација, бидејќи штетата е голема.
„Сè уште се работи на делот на утврдување на висината на штетата, заради тоа што се ангажирани стручни лица и проценители од различни области кои работат на таа проблематика. Се работи на санирање на настанатите штети и утвдување на одговорноста за затекнатата состојба. Значи, новиот директор е затекнат во целата оваа ситуација каде што на еден нетранспарентен начин со несоодветна постапка се реализирал еден проект кој е изложен на ризици. Затоа со сите овие и претходните активности кои ги правиме ќе ја утврдиме настаната штета, ќе ја утврдиме одговорноста и ќе побараме надоместување на штетата и одговорност од лицата кои го довеле училиштето во ваква ситуација“, додаде Папазов.
Моментално училиштето е покриено, се санираат просториите внатрешно, се чистат училниците и се утврдуват штетите.
Лаура Стојанова М-Нет