Нема договор за просторот печурки во Штип, првата средба – конструктивна

Нема договор се уште меѓу градоначалникот на Општина Штип, Јораднов и сопствениците на така наречените печурки. Вчеравечер се одржа првата средба во просториите на општината на која се разговараше за можните алтернативни решенија за надминување на проблемот со печурките. Локалната самоупрва со свои предлози, сопствениците со нивни. Но, заеднички компромис не беше пронајден, па според Јорданов ова е почеток на разговорите, ќе се дискутира и понатаму се додека не се најде решение.

„Како што најавивме веќе започнавме со разговори со сопствениците со т.н. печурки. Времените бјекти кои се лоцирани повеќе години на една локација која планираме во наредниот период да ја измениме, да ја урабанизираме. Нормално дека ова е почеток на разговорите, ќе ги разгледаме сите можности и опции како да изгледа тој целиот простор, каде треба да бидат сместени практично оние сопственици на времени објекти кои моментално егзистираат, работат таму. Дефинитивно сите времени објекти кои не функционираат ќе бидат отстранети“ – кажа Јораднов.

Средбата според Јорданов беше конструктивна. Сите инволвирани страни имаа можност да си кажат своите ставови и видувања во врска со решавање на проблемот.

Просторот наречен печурки во Штип е стар повеќе од три децении, а овде се наоѓаат објекти кои функционираат и од кои се егзистира, но истовремено и објкети кои подолго време се затворени. Сите се привремени и се наоѓаат на јавна површина. Според Јорданов решение треба да се изнајде во полза и на двете страни и на Локалната самоупрва и на сопствениците на објектите.

Лаура Стојанова М-Нет