
Основните јавни обвинителства сѐ уште не презеле мерки за претпријатијата кои не исплатија плати на работниците, а зедоа пари од државата. Ова како главен проблем го посочи претседателката на здружението Гласен текстилец, Кристина Ампева. Таа додава дека реакција од нивна страна имало, но одговор нема повеќе од една година.
„Тоа го зборувам оддамна и ве замолувам и вас како медиуми да ги поставите овие прашања до ОЈО. Трудов инспекторат беше на терен и утврдуваше недостатоци, комисијата во одреден дел ги поништуваше решенијата. Меѓутоа, Основното јавно обвинителство ова требаше да го гони, бидејќи се работи за државни пари коишто беа злоупотребени и ставени во џебот на одреден број на работодавачи“, истакна Ампева.
Ваквите и слични проблеми сѐ уште ги чувствуваат и работниците. Според нив решавање на проблемите за кои изговор често беше ковид – пандемијата сѐ уште нема, повеќето од нив се без работа и со неисплатени плати.
„Што се случи, не знам. Ние поднесовме тужба, но не ја добивме. Нѐ избркаа од работа наводно поради отсуство од работа, но тоа не е точно. Платите не ни се сите исплатени, тие што ги дадоа од државата не ги добивме“, вели Димитиринка Динова, работник.
Проблемите веќе цела година ги детектира Гласен текстилец преку проектот „Институционално и економско зајакнување на жените и девојките од Источниот регион“. Денес беше реализирана завршната конференција, а на истата се презентираа заклучоците и препораките во врска со работата на институциите кои треба да се во служба на граѓаните.
Настанот се одржа во НУ-УБ „Гоце Делчев“ Штип. Здружението за заштита на работничките права проектов го спроведува од 1 декември 2020 година до 31 декември 2021.
Ребека Спасова МНет