Градската библиотека во Штип ја одбележа 98 годишнината од раѓањето на Ацо Шопов

Штип го одбележа раѓањето на родокрајниот автор Ацо Шопов. НУ-УБ „Гоце Делчев“ со пригодна програма оддаде значење на Шопов и 98 годишнината од неговото раѓање. Дел од истата беа и учениците од СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“ кои читаа поезија и дел од биографијата на авторот.

„Денес ја одбележуваме 98 годишнината од раѓањето на роднокрајниот наш автор, штипјанец, Ацо Шопов. Тој е значаен по тоа што ја има напишано првата збирка песни на македонски јазик во слободна Македонија и е еден од основоположниците на македонската книжевност“ истакна Тодор Џидров, библиотекар во родокрајното одделение.

Инаку, Шопов бил избран како еден од првите членови на Македонската академија на науките и уметностите. Добитник е на повеќе значајни награди, а бил активен и на политичката сцена со тоа што бил и амбасадор на Југославија во Сенегал. Како штипјанец детството го поминал токму во родниот град, а во Штип завршил и основно училиште и гимназија.

Настанот се одржа во родокрајното одделение во библиотеката кое го носи токму името на Шопов како најзначаен родокраен поет.

Ребека Спасова МНет