Дали и како Општина Штип се грижи за спомен обележјата во градот?

Вандализмот и уништените споменици ја обележаа годишнината од загинувањето на првоборците Васил Доганџиски и Јаким Стојков во Штип. Обезглавени, скршени, исшарани споменици, се дел од целокупната слика на културните споменици низ Штип.
На денот од загинувањето на првоборците Васил Доганџиски и Јаким Стојков, пред обезглавени споменици поранешниот претседател на Надзорна комисија за споменици и спомен обележја при Здружението на борци на град Штип, Тодор Рибарски, вели градот Штип не заслужува ваква слика. Тој додава дека градот под Исарот има долга историја и традиција која треба да се негува, бидејќи историјата и историографијата е патоказ за иднината на градот и државата. На градот Штип не му доликува вандализам и уништување на историските обележја.

„Зад мене овде е споменикот на Васил Доганџиски кој е без глава. Дали ова го заслужува насиот град. Зошто го зборувам ова? На наша иницијатива граѓанска и како поранешен претседател на надзорната комисија предлог идеја до надлежните ако може да се воспостави врска помеѓу Локалната самоуправа и факултетот за ликовна уметност отсек вајарство за понатаму овие девијантни појави да се санираат“ – кажа Рибарски.


Општина Штип согласно Законот за меморијални споменици и спомен обележја е задолжена да управува со одржувањето на спомен обележјата за кои води Регистар кој постојано се ажурира до Министерството за култура. Во моментов општината е надлежна за одржување на 71 спомен обележје од кои во континуитет околу една третина постојано е мета на уништување и вандализам.

„Факт е дека редовно во нашите извештаи постојат оштетувања на спомен обележјата. Најголем дел од оштетувањата се правени со спреови, односно оштетувања кои многу тешко може да бидат отстранети. Станува збор за спомен обележјето на Исарот. Потешка форма на оштетување на спомениците имаме кога истите се вандалски искршени и станува збор за различен степен на оштетување“ – додаде Панајотов.

Новиот совет на општина Штип во рамки на своите ингеренции се очекува да донесе План за одржување на значајни настани и личности со рок на важење од пет години, со кој што план се одредува ставка за одржување на спомениците во градот.

Лаура Стојанова М-Нет