Цевководот за филтер станицата во Карбинци ќе се изгради следната година

Изградбата на филтер станицата во Карбинци остана на средина. За да продолжи треба да се среди формалниот, документациски дел, по што градоначалникот, Виктор Паунов, се надева дека ќе биде завршена во следната 2022 година.

„Во Општина Карбинци филтер станицата е во една средишна фаза во којашто е изградена само зградата, онаа фабрика за вода, но недостасуваат цевководите коишто ќе ја дистрибуираат водата до постоечките населени места. Во овој момент е потпишан договорот со изведувач којшто е тендер пуштен од страна на Министерство за земјоделие. Исто така е потпишан договор со надзорот, така што во следна фаза ние ги изработуваме оние, би рекол ги завршуваме оние имотно – правни работи коишто во минатото не беа завршени од страна на Општина Карбинци. Во следна фаза ќе започнат со изградба на овие пристапни цевководи за дистрибуција на оваа вода“, истакна Паунов.

Во однос на временскиот рок Паунов, иако ја наведе 2022 година како краен рок, додаде дека предвидено е процесот да трае околу една година откако ќе се отпочне со изградбата на цевководи.

„Временската рамка е од почетокот на изградбата во рок од една година. Јас се надевам дека набрзо ќе започне оваа изградба и дека веќе во втората половина на следната 2022 година ќе ги имаме во завршна фаза овие цевководи“, додаде Паунов.

Зградата на филтер – станицата во Карбинци беше завршена пред околу четири месеца, но тогаш беше најавено дека за подобра вода ќе треба да се почека уште шест месеца, бидејќи нема изграден цевковод. Тогаш тендерот за вториот дел требаше да се повтори.

Инаку, капацитетот на станицата е 40 литри вода во секунда, што се смета доволно за да ги задоволи потребите за вода за пиење на општината. Истата треба да ја обработува водата од ХС „Злетовица“, а засега Карбинци е една од општините кои не се поврзани со истиот.

Ребека Спасова МНет