Завршена изградбата на експресниот пат до спојот со автопатот Миладиновци – Штип

Експресниот пат Штип – Радовиш пуштен во употреба од вчера. Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, информираше дека во текот на вчерашниот ден патот е пуштен под времен режим, а активностите се завршуваат четири месеца пред утврдениот рок.

„На почетокот од овој експресен пат од спојот со автопатот Миладиновци – Штип се реализира овој многу значаен експресен пат за Истокот и Југоистокот. Веќе најавив дека привршувањето или завршувањето на овој пат е во експресно време. Четири месеца пред конечниот рок ќе биде реализиран и завршен со градежните зафати. Драго ми е и што во текот на овој месец декември, во овие ладни временски температури сѐ уште гледаме механизација на терен, што значи дека и капиталните инвестиции во државата растат“, истакна Бочварски.

Бочварски остварил средба и со жителите на штипската населба Три чешми, чие барање е да се направи исклучок од експресниот пат кој ќе води до населбата. Во меѓувреме се работи и на реконструкција на помошниот пат на излезот од Штип.

„На барањето на граѓаните на Три чешми одговорив позитивно заедно со сите тимови, инжинерите од Јавното претпријатие за државни патишта заедно со надзорниот орган, проектантите и изведувачите се завршија сите овие пропратни активности и денеска веќе се работи на терен на исклучувањето во населеното место Три чешми од страна на Скопје, така што имаме уште едно решение за модерен, безбеден сообраќај на овој експресен пат“, додаде Бочварски.

Пред точно еден месец беше пуштена во употреба обиколницата кај Штип, со што се растерети повеќемесечниот сообраќај низ Штип, кога и Бочварски најави дека изградбата до спојот со автопатот Миладиновци – Штип ќе се заврши до крајот на оваа година. Рокот за изградба на делницата беше до април 2022 година.

Ребека Спасова МНет