
Зголемениот водостој на река Брегалница претставува закана за мостот кај Карбинци. Имено, мостот кој ги поврзува селата Таринци и Балван утринава попушти, па претставуваше опасност за возачите и тамошните минувачи. В.д. директорката на ЈП „Плачковица“, Елена Коцева, истакна дека за ситуацијата е известено АД Водостопанство, а до нивната реакција, сами ќе се снаоѓаат.
„Имаме попуштање на мостот кој ги спојува Балван и Таринци. Ситуацијата може и сами да ја видите на терен. Известено е Водостопанство, бидејќи тоа стопанисува со водите на нашата држава. Поради нивната неажурност и неажурноста на Владата ние како Општина Карбинци и како јавно претпријатие сме оставени сами на себе да се справуваме со новонастанатата ситуација. Од работата на терен може да видите дека со нашата механизација и со човекови ресурси го расчистуваме коритото на реката Брегалница“, истакна Коцева.
Реката турна и неколку од дрвјата кои се наоѓаа по речниот брег, но опасност за куќите нема. Градоначалникот на Карбинци, Виктор Паунов, напомена дека ги известиле полицијата, противпожарната единица и Центарот за управување со кризи, кои треба да пристигнат и да направат увид на ситуацијата.
„Имаме наталожено на стопите на самиот мост. Ние сме веќе во фаза на информирање и ги известивме противпожарната служба, ја известивме полицијата и Центарот за управување со кризи. Во овој момент ги очекуваме да пристигнат и да направиме увид за што точно се работи за да можеме да интервенираме и да спречиме поголеми непосакувани штети на ова место“, додаде Паунов.
Тамошните жители велат дека да надојде Брегалница е нормално, но поткопаните столбови на мостот се непрофесионалност и грешка на изведувачот.
„Со Брегалница си е нормално, како секоја година што надоаѓа. Најмногу вода има од Берово, Делчево, М. Каменица и сите притоки што се слеваат тука. Мосто попуштил, тоа е очигледно, но тоа е неорганизацијата на изведувачот и градоначалникот. Тие го ставија мостот на милост и немилост“, вели тамошен жител.
Нивото на Козјачка река, пак, е стабилно и нема опасност од излевање. Попладнево, пак, јавното претпријатие чистеше и снег во плачковичките села. Екипите беа на терен и работеа на расчистување на патот.
„Од утрово во плачковичките села експресно се презедоа мерки за чистење на снег, и во текот на целиот ден екипата е на терен!“ – напиша Градоначалникот на Карбинци, Виктор Паунов, на својот фејсбук профил.
Ребека Спасова МНет