Ќе се гради соларен парк на местото за карго аеродром во Штип

На местото предвидено за изградба на карго аеродром во Штип ќе се гради соларен парк кој ќе биде еден од најголемите во Европа со капацитет за производство на електрична енергија од 360 – 400 мегавати. Ова денеска на прес конференција го соопшти претседателот на Владата, Зоран Заев.

„Станува збор за директна француска инвестиција најголема во овој домен за нашата држава. Соларниот пат „Стипион“ ќе се гради во текот на 2022 година на локација која беше предвидена за изградба на карго аеродромот во Штип на површина од 452 хектари. Оваа местоположба согласно анализите на соларна радијација, карактеристиките на земјиштето како и оддалеченоста од преносната мрежа има одлични услови за изградба на фотонапонски централи“ – кажа Заев.

Согласно планот првите количини на електрична енергија треба да протечат во текот на 2023 година, а целосна реализавија се очекува во текот на 2024 година. Производството на електирчна енергија е проценето на 650 гигавајт часови на годишно ниво. Оваа фотонапонска централа ќе ги задоволува потребите на околу 94 илјади домаќинства.

Лаура Стојанова М-Нет