Благ пад на корона позитивните случаи во општините од Истокот

Две починати лица од корона вирусот се регистрирани во изминатото деноноќие во штипската болница, едно од Кочани на 55 годишна возраст и едно од Штип на 73 години. Во последните 24 часа новопримени се три пациенти, испишани четири. Со ова бројот на хоспитализирани е 33 на Инфективното одделние и три лица на дневна амбуланта. Кожното одделние при Клиничка болница Штип останува празно. Од хоспитализираните 23 имаат потреба од кислородна поддршка и се приклучени на апарати за дишење, а вакцинирани се 10 лица. Бројот на слободни ковид кревети е 37 од кои 27 на Инфективното одделние и 10 на Кожното, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.

Во кочнаската болница хоспитализирани се седум ковид пациенти, од кои едно е вакцинирано, две се на кислородна поддршка. Во последните 24 часа испишано е едно лице, новопримени нема. Бројот на слободни кревети на Интерното одделение кое работи како ковид оддел е 20, информираат од болницата.

Бројот на активни ковид случаи во општините од Истокот бележи благ пад, однонсо активни моментално се 493 ковид слуачи, од кои најмногу во Штип 116, во Кочани 112 и во Делчево 105. Во останатите општини од Истокот бројката е двоцифрена, освен во Пехчево каде има активни само девет корона пациенти.

Според информации од Министерството за здравство заклучно со вчера, во земјата се направени вкупно 1.485.944 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 217.400, бројот на оздравени пациенти е 203.967, на починати е 7.658, а бројот на активни случаи изнесува 5.775.

Лаура Стојанова М-Нет