
Три дена откако Комисијата за заразни болести ги предложи новите мерки за невакцинираните, од Локалната самоуправа во Општина Штип немаат точни информации за тоа колку од вработените се вакцинирани, а колку не. И првиот човек на градот под Исарот се уште не е вакциниран, но на прашањето дали ќе се вакцинира доколку мерките стапат на сила тој кажа дека се уште има време да се размисили и да се одлучи. Според него ова не е најдобриот начин да се мотивираат граѓаните да се имунизираат.
„Јас се уште немам информација колку од вработените имаат примено вакцина колку немаат, сепак станива збор за право на личен избор и мсетам дека тоа е она кое треба да се почитува. Предлозите на Комисијата за заразни болести се уште не се усвоени, сепак ќе се остави еден простор на размислување на имплементација на овие предлози. Она кое јас лично го сметам за мене бидејќи јас сѐ уште не сум вакциниран е дека треба да се остави простор на избор на секоја индивидуа, да избере дали ќе се вакцинира или не. Доколку се бара мотивација на населението и поголема процентуална вакцинација кај населението сметам дека ова не е начинот и потребата со ваков начин да се стимулира населението, туку со други мерки кои што се по примерот на Србија и околните држави“ – кажа Јорданов.
Инаку, Комисијата за заразни болести во вторникот предложи задолжителна вакцина за здравствените работници, но и потврда за примена барем прва доза вакцина за вработените во Локалната самоуправа и другите Владини институции, потврда за прележан ковид 19 не постара од 45 дена, или негативен ПЦР тест кој ќе важи 72 часа, но направен на сопствен трошок. Овие мерки беа пренесени до јавноста од Министерот за здравство Венко Филипче, кој додаде дека во истите може да се вклучи и приватниот сектор. Предлог мерките треба да поминат на Влада, па потоа да стапат на сила.
Лаура Стојанова М-Нет