
Искршени прозори и врати, трева и грумушки од страна, ѕидови кои веќе се распаѓаат. Со овие епитети би се опишала куќата на познатиот доктор хирург Панче Караѓозов. Наместо спомен куќа, која би била обележје за Ново Село и за Општина Штип овде денеска може да се снима сцена од хорор филм.
Дел од жителите на Ново Село не ни знаат која е куќата на Панче Караѓозов, оние кои знаат велат со години стои разрушена, а би требало да биде реконструирана.
Според информации кои се прикажани на веб страната на УГД во 2016 година штипското семејство Караѓозови, куќата на Панче Караѓозов му ја подариле на Универзитетот „Гоце Делчев“, а договорот бил потпишан од ректорот Блажо Боев и сопственичката Катерина Караѓозова. Тогаш се предвидувало реконструкција на куќата за наредна година поточно за 2017, како и нејзина преадаптација и приспособливост за студиска програма Историја и археологија, меѓутоа не е променето ништо, а срушена е дури и таблата која се наоѓа веднаш пред куќата. Денеска од УГД посочија дека куќата не им припаднала ним односно дека не им била подарена.
„Во 2016 година имаше иницијатива за куќата на Панче Караѓозов да биде подарена на УГД, меѓутоа истата не се подари бидејќи имала повеќе сопственици, а и заштита од државата. Со оглед на тоа ние немаме никави ингеренции врз таа куќа“ – кажа професор Мишко Џидров.
Од националната установа Завод и музеј Штип, пак кажаа дека од нив може да се издададе сано дозвола доколку некој сака да промени нешто на куќата, инаку истата е заштитена и од нивна страна нема ингеренции да се реконструира ништо.
Од Општина Штип кажаа дека подетални информации во врска со реконструкција на оваа куќа ќе добиеме во текот на утрешниот ден.
Инаку куќата на Панче Караѓозов потекнува од 19 век, во неа претходно живееле социјални семејства, а денеска таа се распаѓа, наместо да биде обележје и атракција во Ново село и во Општина Штип. Името на познатиот доктор хирург Панче Караѓозов во Штип го носи една улица и здравствениот дом.
Лаура Стојанова М-Нет