Ковид – 19: Две починати лица и девет новопримени во штипската болница

Двајца починати, девет нови приеми и само четири испишани и оздравени пациенти покажува последната ковид – статистика во штипската болница. Вкупниот број ковид – позитивни пациенти таму сега е 64. Од нив, дури 44 се со потешка клиничка слика и се на кислородна поддршка, а вакцинирани се 17 лица. Извршени се 54 амбулантски прегледи, а осум ковид – позитивни лица дошле во дневната болница. На Инфективното одделение се 54 пациенти, па слободни се уште четири места. На Кожното одделение, пак, има осум ковид – позитивни пациенти, а слободни се само две места, информира портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.

„Со оглед на тоа што голем број од пациентите се на кислородна поддршка, сега веќе користиме над еден тон кислород. Просечно користиме околу еден тон и 200 килограми, но количеството се движи помеѓу еден тон и тон и половина“, информираше директорот на Клиничка Болница Штип, д-р Ален Георгијев

Во Општа болница Кочани, пак, нема значителни разлики од вчерашната ситуација. Нема оздравени и испишани пациенти, ниту починати или новопримени. Вкупниот број ковид – позитивни пациенти во болницата е 13. Овде не е голем бројот на пациенти на кислородна поддршка, но значително е висок бројот на вакцинирани лица. На кислородна поддршка се само двајца пациенти. Вакцинирани, пак, се повеќе од половина, односно седум пациенти. Аларм за исполнетоста на болницата нема, имајќи предвид дека во моментов е исполнета само половина и има дури 14 слободни кревети, информираат од болницата.

Последната статистика на МЗ, пак, покажува 476 нови случаи на Ковид – 19, што е 15% од вкупниот број направени тестирања. Во Кочани има 13 нови случаи, во Штип 11. Во другите градови од Источниот регион бројот се движи од еден до три нови случаи.

Оздравени, пак, се 279 пациенти, од кои 8 се од Штип, 6 од Кочани. И бројот на оздравени во другите градови од Источниот регион се движи од еден до три.

Во последните 24 часа починале девет лица на возраст од 40 до 88 години.

Бројот на активни случаи во Источниот регион е 817. Најмногу има во Кочани – 236, па во Штип – 222. Бројот е трицифрен и во Делчево, каде има 124 активни случаи на Ковид – 19. Во Пехчево, и покрај тоа што сѐ уште има најмалку активни случаи, бројот порасна на 15.

Досега коронавирусот кај нас го прележале 210.447 лица. Оздравеле 194.625, починале 7.367 лица, а во моментов има 8.455 активни случаи.

Ребека Спасова МНет