Повторно пораст на бројот на хоспитализирани во болниците во Штип и Кочани

Повторно раст на бројот на хоспитализирани во болниците во Штип и Кочани. Во штипската болница забележан е раст од четворица нови пациенти, но и едно лице починало. Во извештајот не се забележани испишани и оздравени пациенти. Висок е и процентот на пациенти кои се на кислородна поддршка. Имено, 45 пациенти од вкупниот број се приклучени на апарати за дишење, што е 76%. Вкупниот број ковид – позитивни пациенти во штипската болница е 59, од кои 51 на Инфективното одделение и осум на Кожното одделение. Од нив, 14 лица се вакцинирани. Направени се 55 амбулантски прегледи, а во дневната болница дошле седум лица. Во моментов, на Инфективното одделение има девет слободни места, а на Кожното одделение две, информира портпаролот на Клиничка болница – Штип, Марина Шуманска.

Во кочанската болница, пак, забележан е раст од два нови приема. Со тоа вкупниот број на ковид – пациенти во болницата е 17. Нема оздравени и испишани пациенти, ниту починати. За разлика од штипската болница, овде на кислородна поддршка се само 18%, односно тројца пациенти. Меѓутоа, поголем е процентот на вакцинирани лица. Вакцинирани се 7 лица, што е 40% од вкупниот број пациенти. На Интерното одделение кое работи како ковид – оддел слободни се десет места, информираат од болницата.

Во последната статистика на МЗ забележани се 677 нови случаи на Ковид – 19, што е 20% од вкупниот број направени тестирања. Од Источниот регион најмногу се од Кочани – 22 и Берово – 10, а едноцифрен број новозаразени има и во Штип, Виница, Пробиштип и Македонска Каменица.

Оздравени, пак, се 517 лица. Во Источниот регион, 18 се од Штип, 16 од Кочани и 14 од Берово, а оздравени има и во Виница, Пробиштип, Македонска Каменица и Делчево.

Во изминатите 24 часа починале 13 лица како резултат на компликации од коронавирусот.

Бројот на активни случаи во Источниот регион изнесува 772. Од нив, повеќе од половина се само во Штип и Кочани, 238 во Штип, односно 224 во Кочани. Бројот нешто над 50 е и во Берово, Делчево и Пробиштип, додека, пак, помалку од 50 има во Виница и Македонска Каменица, како и во Пехчево, каде бројот на ковид – позитивни лица е само три.

На територија на цела држава бројот на активни случаи изнесува 8.006, а бројот на починати лица надмина 7000.

Ребека Спасова МНет