Во Штип четири нови приеми, во Кочани ниту еден, покажува дневната ковид – статистика од болниците. Имено, во штипската болница нема ниту еден оздравен и испишан пациент, а нема ни починати. Хоспитализирани се вкупно 52 пациенти. Од нив, 46 пациенти се на Инфективното одделение, а шестмина на Кожното одделение. Направени се 36 амбулантски прегледи, а девет пациенти дошле на преглед во дневната болница. Од хоспитализираните, со потешка клиничка слика и на кислородна поддршка се 35 пациенти, а вакцинирани се 16. На Инфективното одделение има 14 слободни места, а на Кожното одделение – четири, информира портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.
Во Кочани, пак, нема нови приеми, ниту починати пациенти. Меѓутоа, оздравен и испишан е еден пациент. Вкупниот број хоспитализирани пациенти е 15, а од нив со потешка клиничка слика и на кислородна поддршка се петмина, вакцинирани, пак, се седум лица. На Интерното одделение кое работи како ковид – оддел слободни се 12 места, информираат од болницата.
Според последната статистика на Министерството за здравство, регистрирани се 349 нови случаи на Ковид – 19, што е речиси 13% од направените 2.754 тестирања. Во Источниот регион најмногу од новозаразените се од Штип и Кочани, 22 во Штип и 16 во Кочани. Во другите градови бројот е едноцифрен, а најмал е во Виница – еден.
Во последните 24 часа оздравени, пак, се 208 пациенти. Од Источниот регион, 13 се од Штип, тројца од Кочани и двајца од Пробиштип.
Починале 12 лица.
Бројот на активни случаи по градови е зголемен. Најмногу се во Штип – 223 ковид – позитивни, потоа во Кочани – 192. Активни случаи има и во Берово, Делчево, Виница, Пробиштип и Македонска Каменица, каде бројот на активни случаи е под 100, како и во Пехчево, каде има само пет активни случаи на Ковид – 19.
Досега во земјата се направени вкупно 1.385.429 тестирања на КОВИД-19.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 202.552, бројот на оздравени пациенти е 188.540, на починати е 7.132, а бројот на активни случаи изнесува 6.880.
Ребека Спасова МНет
