Ковид – 19: Десет новопримени пациенти во болниците во Штип и Кочани, починале три лица

Зголемен бројот на хоспитализирани ковид пациенти и во штипската и во кочанската болница. Регистрирани се и три починати лица. Имено, во штипската Клиничка болница за 24 часа новопримени се девет пациенти, а испишан само еден. Во моментов хоспитализирани се 56 пациенти од кои, 50 се во модуларната ковид – болница и шест на Кожното одделение кое работи како ковид – оддел. Направени се 70 амбулантски прегледи, а од хоспитализираните, 37 се на кислородна поддршка, додека, пак, 14 лица се вакцинирани. Починати се две лица, едното од Кочани на 46 годишна возраст, а другото од Штип на 66 годишна возраст. Во модуларната ковид – болница има десет слободни места, а на Кожното одделение – четири. Во дневната болница на располагање се седум кревети за граѓани кои доаѓаат на амбулантски преглед, информира портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.

Во Кочани, пак, вкупниот број хоспитализирани е 18. За 24 часа новопримени се тројца пациенти, испишан е еден и починало едно лице кое било вакцинирано. Од хоспитализираните, пет се со потешка клиничка слика и се на кислородна поддршка,  а вакцинирани се седум пациенти. На Интерното одделение кое работи како ковид – оддел слободни се девет места, информираат од болницата.

Според последната статистика на Министерството за здравство, регистрирани се 436 нови случаи на Ковид – 19, што е скоро 16% од тестираните. Од источниот регион, најмногу од заразените се од Штип – 21, веднаш потоа е Кочани со 16 новозаразени, а најмалку се од Македонска Каменица – само еден. Кај другите градови бројот е едноцифрен.

Од регистрираните 321 оздравен пациент, повторно на врвот се Штип и Кочани, со 20 за Штип односно 14 за Кочани. Во останатите источни градови бројот се движи само од еден до три оздравени пациенти.

Во последната статистика забележани се седум починати лица.

Во повеќето источни градови бројот активни случаи е приближно ист како и во текот на вчерашниот ден. Во Штип има 207 активни случаи, а во Кочани – 177. Во останатите градови бројот е двоцифрен: Пробиштип – 60, Македонска Каменица – 41, Делчево – 38, Виница – 35, Берово – 25. Единствено, во Пехчево бројот е едноцифрен – вкупно четири активни случаи.

Статистиката бележи 201.292 КОВИД-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата, бројот на оздравени пациенти е 187.695, починале 7.098 лица, а бројот на активни случаи во моментов изнесува 6.499.

Ребека Спасова МНет